19-годишната студентка на Универзитетот во Љубљана, Теодора Лазаревска – е навивач кој што сака да направи меѓународна кариера во областа на новинарството. Теодора или Теа, како што ја викаат пријателите е многу комуникативна и отворена личност, која што сака да се запознава со нови луѓе. Пред да се запише на факултет, таа живеела во Скопје, каде што завршила основно и средно училиште.

За своите впечатоци од студирањето и животот во Република Словенија, Теодора детално ни раскажа во интервјуто.

„Дипломата која би ја стекнала во Македонија, не е толку престижна, како словенечката“

19-годишната девојка веќе одамна се интересира за спорт, не само како игра туку и за неговото социјално значење. „Посебно неговата моќ да ги обединува луѓето. Кога гледам натпревари мене не ме интересира само кој тим ќе победи, туку и односот помеѓу навивачите и тимот, а исто така и односот внатре во тимот“.

Таа ги споила своите интереси и решила да студира новинарство. „Кога почнав да размислувам за новинарството, сфатив дека треба да студирам некаде надвор од мојата земја. Во Македонија образованието за новинарството не е толку квалитетно, дипломата со која што би се стекнала во Македонија не е толку престижна колку што е словенечката“ – објаснува таа. Покрај тоа според мислењето на Теодора, Македонија нема развиен национален спорт и како последица на тоа македонските спортски новинари многу често пишуваат за спортските настани кои што се случуваат надвор од земјата во кои што тие ретко земаат учество поради финансиски причини.

Република Словенија беше вистинскиот избор, бидејќи сакав да видам како живеат луѓето во Европската Унија, при тоа останав прилично блиску до дома и немав културолошки шок“, – објаснува Теа и потенцира дека Словенија во споредба со другите балкански земји има поквалитетен, а најважно од се и пофункционален образовен систем.

„Ова е градот во кој би го проживеала целиот свој живот“

Родителите го поддржаа изборот на Теодора, и во февруари 2018 година заминале со неа на информативните денови на факултетот за социјални науки при Универзитетот во Љубљана. „Кога пристигнав мојата прва мисла беше: „Ова е градот во кој што јас би го проживеала целиот свој живот“. Кон крајот на септември истата година Теодора се преселила веќе во Словенија.

За времето кое поминало од тогаш Теа се научила да ја прифаќа Словенија како своја земја. „Во Љубљана се стекнав со многу другари, затоа никогаш не е досадно. Секоја ден одам на предавање, а потоа одам на кафе со колегите. Ние често одиме во ноќен клуб или театар, – го опишува таа својот дневен распоред. Исто така поминувам многу време во библиотеката, каде што се подготвувам за испитите. Навистина се трудам да живеам како моите врсници, и во целост да се интегрирам во општеството“ – додава таа.

„Разговорен и литературен словенечки јазик се две различни работи“

Проблемот со кој што често се судираат странците е изучување на јазикот. За Теодора како иден новинар одличното владеење на јазикот е од огромно значење. „Пред моето доаѓање во Љубљана на студии, во Македонија девет месеци посетував курс по словенечки јазик. Еден од условите за запишување на студиската програма „Новинарство“ беше полагањето на испит за познавање на словенечкиот јазик на степен Б2“ – појаснува Теодора.

Еднаш неделно таа посетувала индивидуални часови, преку кои ги совладала основите на литературниот јазик. „Морам да кажам дека, изучувањето на странски јазик кој што не е сличен со македонскиот беше многу полесно. Сличноста помеѓу македонскиот и словенечкиот јазик повеќе го усложнуваат изучувањето на јазикот, отколку што помагаат при неговото изучување“ – признава Теодора. И додава дека кога пристигнала во Словенија се судрила со уште еден проблем – со разговорниот јазик. „Поради користењето на формите на разговорниот јазик мене ми беше тешко да ги разберам колегите на факултет, кога тие разговараа меѓусебно. Во исто време немав проблем да ги разберам професорите, бидејќи тие зборуваа на литературен словенечки јазик“, – вели таа. Но, по осум месеци Теа ја реши и оваа задача. „Јас навистина сум им благодарна на колегите, кои што беа многу трпеливи, ми помагаа и ме примија во својот круг“, – со задоволство забележува Теодора. Таа смета дека јазикот нема да и биде пречка во нејзината работа во новинарството, бидејќи професорите од факултетот за социјални науки многу сериозно му приоѓаат на јазичното образование.

Професорите работат со мене, како и со останатите студенти. Тие се специјалисти. Јас мислам дека ќе знам одлично словенечки јазик кога ќе го завршам факултетот, исто така како што го знаат моите колеги од Словенија“, – е уверена таа.

„Ми се допаѓа Копер, таму се чувствува мирисот на морето“

Теа многу сака да патува, затоа таа ја користи секоја можност да посети некој град во Република Словенија. „Јас веќе бев во Марибор, Порторож, Копер, Изола, Нова Горица и Блед“, – раскажува Теодора. Според зборовите на девојката, посебно и се допаднал Копер. „Ми се допадна интересната архитектура, шарените куќи, средениот град и секако мирисот на морето“.

„Менталитетот во Словенија е сосема различен“

Словенија е многу функционална, бидејќи во неа функционираат определени правила, кои што луѓето добро ги знаат и се придржуваат до нив“, – вели таа и при тоа забележува дека Словенците не страдаат од формалности. „Ако не си успеал на време да предадеш некоја семинарска работа, професорите ќе ти излезат во пресрет и ќе ти овозможат да ја предадеш подоцна. Ако ја заборавиш картичката за превоз Urbana и му го покажеш на контролорот студентскиот билет, тој ќе те разбере“, – објаснува таа.

Во Словенија народот разбира, дека постои определен систем, кој што работи во нивна полза, верува таа. „Затоа тие не размислуваат како да го прејдат системот, не бараат начини како да излезат од рамките на правилата. Кај нас во Македонија менталитетот е поинаков“ – додава Теодора.

По нејзино убедување Словенците се отворени луѓе. Нејзините нови другари во Љубљана пројавиле голем интерес кон Теодора како претставник на Македонија и и поставувле многу прашања за животот во нејзината татковина. „Тие сакаа да слушаат македонска музика, се интересираа за македонскиот јазик. Некои дури научија неколку зборови на македонски. – вели таа. Нешто што посебно ми остана во сеќавање е како еден колега Словенец не само што ми го честиташе православниот Божиќ, туку го направи тоа на македонски јазик, дури и на кирилица, што на мене многу ми значи“ – вели Теа.

Теа не го крие фактот, дека и недостасуваат другарите, кои што останале во Македонија. Вели дека тие и заземаат посебно место во нејзиниот живот, бидејќи се дружеле од самото детство. Но, без разлика на тоа Теодора нема намера да се врати во Македонија. „Се надевам дека Словенија ќе биде место, каде што ќе си ги остварам своите желби, бидејќи тука имам одлични можности за градење на европска кариера“, – резимира таа.

Извор: siol.net

    Закажете
    консултација

    Поставете ни прашање и закажете консултација.
    Нашите експерти ќе ви одговорат што е можно поскоро.

    Поставете ни прашање