На Трајче Андреев отсекогаш му било предизвик да студира во странство. Како гимназијалец, прв пат стекнал искуство со живеење во европска земја, кога преку програмата за размена на ученици Еразмус + престојувал во Стразбур, Франција. Ова искуство му дало основа, да се запише на студии надвор од својата држава, на Универзитетот во Марибор, Словенија. Хоби му е фотографијата, а љубовта кон кошарката ја продолжил во Словенија каде настапува за кошаркарската екипа на Економскиот факултет во Марибор.
Одлуката за студии во Словенија била лесна. Дел од информациите за словенечките факултети Трајче ги прочитал на интернет, а дел од нив ги добил од неколку другари кои веќе биле запишани на студии во Марибор.
„Одличните услови за стручна надградба на студентите, како и високото рангирање на словенечките факултети на меѓународно ниво, беа пресудни во мојот избор. Желбата се зголеми уште повеќе, кога дознав дека студиите се бесплатни за студентите од Македонија. Ова ја потврди мојата одлука, за која бев целосно поддржан од моите родители“ – се спомнува Трајче како се одлучил пред две години да студира во Словенија.
За квалитетот на студиите на Факултетот за економија и бизнис при УМ
На илјада и сто километри оддалеченост од својот дом во Велес, Македонија, Трајче Андрев ја избира студиската програма „Е – бизнис“ на Економскиот факултет при Универзитетот во Марибор.
„Сега сум во втора година од студиите и можам да кажам дека направив правилен избор. Го изучувам тоа што го сакам, а тоа ми дава дополнителна мотивација. Голема предност на мојот смер е тоа што има рамномерна поделба на предавања и вежби, односно истовремено учење на теорија и пракса. Така ние студентите добиваме целосни знаења од различни области, сестран развој и високи квалификации, неопходни за европскиот пазар на трудот.“ – раскажува Андреев и додава дека сепак, успехот зависи од вложениот труд и самодициплината.
Предметите ги слуша по еден или два семестари, а испитите ги полага преку два колоквиуми.
Крајната оцена е збир од поените од колоквиумите, вежбите кои се 40%, 30% или 20% од оцената и од семинарските работи по одредени предмети.
„Квалитетот на наставата е поткрепена со одлична техничка опременост и таа е на високо ниво. Факултетот располага и со исклучително опремена библиотека која нуди сериозни научни истражувања и продлабочувања на знаењата и вештините на студентите.“ – додава Андреев.
Странските студенти имаат предност за место во студентските домови
„Странските студенти, меѓу кои и ние од Македонија, го избираме оној студентски дом кој што ни е најблиску до факултетот. Студентските домови во Словенија се комфорни, безбедни, со брз пристап на интернет, добро уредени и опремени со мебел и апарати неопходни за секојдневно живеење на студентите. Странските студенти кога се пријавуваат, имаат предност при уписот во домовите, што беше уште една дополнителна причина зошто се одлучив да престојувам во студентски дом.“ – раскажува Андреев, на кој цимерот во собата му е од Словенија. Покрај дружењето со пријателите од родниот град, често се дружи и со Словенци. За нив, вели дека се помирни, позатворени и покултурни во однесувањето, во споредба со другите балкаснски народи, а сите досегашни искуства со нив му биле позитивни.
За време на викендите, кога рестораните на „студентски бонови“ се затворени, Трајче низ смеење ни открива, дека тогаш ги тестира своите кулинарски способности и готви.
Во рамки на студентскиот капмус има фитнес центар, спортска сала и пливачки базен, каде овој млад Македонец спортува во слободното време. „Мојата љубов кон кошарката ја продолжив и овде во Марибор, каде настапувам за кошаркарската екипа на мојот факултет.“ – додава Андреев.
За изучувањето на словенечкиот јазик
Во текот на трите семестри од студиите, Трајче одлично го совладал словенечкиот јазик, за кој признава дека на почетокот му правел тешкотии. На прашањето дали му прави проблеми двоината во словенечкиот јазик, Андреев низ шега одговара: „Избегнувам да ја употребувам, освен во случај ако можам да кажам дека сме повеќе од двајца“ и додава дека ја совладал и неа.
Словенија мами воздишки со природните убавини
Трајче е воодушевен од зелената и чиста животна околина и прекрасните природни пејзажи во Словенија, за кои вели дека мамат воздишки во сите годишни времиња. Со преселувањето во Словенија, неговото хоби за фотографија уште повеќе дошло до израз, па така често фоторграфира прирора или портрети кога оди со пријателите низ градот.
Вредности кои ги научил во Словенија
„Словенија ме научи на смиреност, трпение и поотворени гледишта кон Европа и светот. Многу ми се допаѓаат овдешната култура, редовност и дисциплина, и почитување на времето на луѓето. Сето тоа имаше големо влијание во промена на мојот карактер.“ – вели Андреев. Најмогу се воодушевил од чистотата и рециклирањето, штедењето на електричната енергија и на водата. Тоа го практикувам и кога одам во Македонија, раскажува Трајче, кој се труди да влијае врз своите пријатели да го практикуваат истото. Промената, вели тој, започнува од нас самите.
Во родниот Велес за новогодишните празници
„Каде и да си, за Божиќ со фамилијата дома да си“ е изреката која важи во Македонија, вели Трајче. Новогодишните празници тој ги поминува во родниот град во кругот на семејството и во друштво на пријателите со кои му недостасува дружењето. Ми недостасува и топлината која ја имаме како народ кога се дружиме, а токму во овој период таа е најизразена, како и македонската кујна која надалеку е позната.
Професионални планови за во иднина
„Секој факултет не е маратон кој се трча спринт. Потребни се подготвеност, истрајност и континуитет, а секое искуство на тој пат е бесценето“ – вели Андреев, кој има за цел во Словенија да заврши и магистерски студии. Се надева дека фактот што студира на европски признаен факултет ќе му обезбеди високи професионали цели.
Автор: Лидија М.Кустербајн