Неодминлив дел кој ви претстои како студенти се семинарските трудови, есеите и другите видови писмени задачи. Треба да ги подготвите (напишете), а потоа, по правило, и да ги одбраните пред аудиториум. Во оваа статија ви подготвивме совети кои ќе ви помогнат успешно да ги сработите овие задачи.

Анализирајте литература на дадената тема

Прво, определете која е суштината на задачата и каде може да ги добиете потребните информации. Кога ќе најдете одговор на ова прашање, прегледајте ги изворите (ви препорачуваме да го користите системот на пребарување на библиотеките; голема количина литература е достапна во целост на оддалечен пристап). Изворите мора да бидат научни и професионални. За дополнителни информации може да ја посетите и Википедија, но таа не смее да биде ваш извор на информации.

Кога ќе се снабдите со доволно изданија, статии, истражувања и извештаи, издвојте ги само информациите кои ви се неопходни. Ако имате премногу извори, споредете ги. На тој начин ќе ги определите општите карактеристики и тенденции, а и алтернативните теории за темата која ја истражувате. Пред да почнете со пишување, мора да бидете сигурни дека имате јасна претстава за литературата за вашата тема и дека сте во можност да се организирате и критички да ја оцените.

Проучете ги насоките за пишување и формата на трудот

Од вас се бара да користите научна терминологија и да ги почитувате правилата за пишување на научните трудови, меѓу кои и цитирањето извори. Соодветните правила може да ги најдете на страницата на вашиот факултет, при што треба да имате предвид дека на различни факултети може да важат различни правила. Сепак, постојат и општи правила. Така на пример за директно цитирање треба да користите наводници („“), со кои се издвојува буквално пренесениот фрагмент од текстот. Ако цитатот зазема повеќе од пет реда, мора да се издвои во посебен параграф (или во италик). На крајот од цитатот мора да го напишете авторот (според правилата на вашиот факултет) и бројот на страницата од каде што е преземен цитатот. Дури и ако го пренесувате текстот со ваши зборови, вие се потпирате на идејата, па затоа во заграда мора да го наведете нејзиниот автор.

При изработка на трудот мора да обратите внимание на следните структурни елементи:

  1. Насловна страница – содржи име на факултетот; име и презиме на авторот; број на индексот; тема на трудот; предмет во рамките на кој се пишува трудот; податоци за професорот; место и датум на пишувањето на трудот.
  2. Насловот на трудот мора да ја одразува неговата содржина, да биде јасен и да привлекува внимание.
  3. Содржината на трудот мора да ги има насловите на сите поглавја и наведените страници, вклучувајќи ги и табелите, сликите и прилозите.
  4. Вовед, каде што на читателот му го претставувате трудот и каде што ги давате краткото резиме, структурата и теоретскиот дел. Исто така, може да го започнете текстот и со цитат од некој автор. Во овој дел може да ги изнесете хипотезите и да ги образложите. По правило, хипотезите се определени тврдења, формирани врз основа на вашето мислење или на прочитаната литература. Вие сте убедени во нив и во текот на истражувањето ќе се трудите да ги потврдите или да ги отфрлите. Добрата хипотеза мора да се заснова на претпоставка и да содржи две или повеќе тези.
  5. Основен текст – клучен елемент на семинарскиот труд. Во првото (воведно) поглавје ќе ги објасните основните термини, кои ќе се среќаваат во вашиот труд. По потреба, одвојувајте го текстот во параграфи (1.1, 1.2, итн.), при што нема потреба да правите параграф врз основа на смислата на определен дел од текстот. Внимавајте одвоените делови од текстот да не си противречат еден на друг. Правилно користете ја стручната терминологија и внимавајте на правописот.
  6. Заклучокот носи можно решение на дадената научна проблематика. Во овој дел ја потврдувате или ја отфрлате својата хипотеза, изложувате совети за натамошни истражувања, го изнесувате своето гледиште и ги истакнувате проблемите со кои сте се сретнале при пишувањето.
  7. Користена литература, библиографски единици кои сте ги користеле во текот на пишувањето. Ги наведувате според правилата на факултетот и со презимињата на авторите по абецеден ред.
  8. Прилози: карти, табели, фотографии, статии, анкети итн.

Важно: во последно време се појавија неколку случаи на плагирање. Не учествувајте во таа погубна пракса, копирајќи делови од туѓи трудови или извори. Постојат програми кои веднаш го препознаваат плагијатот. Плагирањето се казнува: за правилата информирајте се на вашиот факултет.

Обезбедете си неопходни услови за продуктивна работа:

  1. Обезбедете си доволно време. Не оставајте сè за последниот ден. Постепено организирајте го пишувањето на трудот. За да ги контролирате интервалите и прекините, може да користите апликација (на пр. тајмер кој на секои 25 минути ќе ве известува за моментот за петминутна пауза).
  2. Ослободете се од сè што ви одвлекува внимание. На пр. може да користите апликација која во претходно определен момент ќе го исклучува вашиот интернет. На тој начин, нема да добивате известувања од социјалните мрежи кои ви го одвлекуваат вниманието и ќе можете целото свое време да го посветите за пишување на трудот. Друга варијанта е да пишувате во библиотека, каде што условите за концентрација се подобри.
  3. Обидете се да користите бесплатни онлајн редактори (на пр. Google docs), кои автоматски ви ги меморираат документите.
  4. Кога ќе го завршите, прочитајте го текстот барем двапати, за да избегнете граматички, стилски и тематски грешки. Помеѓу првото и второто читање треба да поминат барем неколку дена. За да заштедите на време, научете да правите автоматска содржина.
  5. При пишувањето на трудот, може да се случи исти зборови да се повторуваат неколку пати. Користете ја апликацијата Wordle, каде што може да го поставите својот семинарски труд или есеј, а апликацијата ќе направи „облак“ зборови за замена за оние кои често се повторуваат. За да избегнете повторувања, користете тезаурус, кој ви предлага синоними..
  6. Користете посебни правописни ресурси, ако не сте сигурни за некој определен збор или ако сакате да проверите како се менува по определена категорија.
  7. При пишувањето на трудот избегнувајте странски зборови. Ако зборот има своја соодветна варијанта на јазикот на кој го пишувате трудот, користете ја таа варијанта. Ако не сте сигурни за квалитетот на нејзиниот превод, фразата наведете ја и во оригинал.
  8. Сите скратеници мора да имаат коментар. На пример, ако во текстот сте го искористиле терминот „Европска Унија“, подолу во текстот може да напишете ЕУ, под услов ако при првата употреба на скратеницата во заграда сте напишале „(ЕУ)“.
  9. Не заборавајте да ги наведете сите извори од каде што сте собирале информации. За да потрошите минимум време на формирањето цитати, користете ги на пр. програмите EndNote или Mendelay.
  10. Барајте статии во научни бази на податоци и не потпирајте се на ненаучни извори од интернет.

На крајот сакаме да нагласиме дека при извршување на каква било задача, дури и на многу тешка задача, важно е да сте позитивно расположени. Не однесувајте се спрема својот труд како спрема тешка задача која одзема многу време и енергија, туку како спрема одлична можност преку која ќе откриете нови знаења кои претходно не сте ги имале; преку која ќе стекнете важно искуство за пишување научни трудови и преку која ќе ја заслужите почитта од колегите и професорите! Со среќа!

    Закажете
    консултација

    Поставете ни прашање и закажете консултација.
    Нашите експерти ќе ви одговорат што е можно поскоро.

    Поставете ни прашање